merko

Струга ќе ги депортира питачите

Струга пред стартот на летната сезона ќе ги депортира питачите. Питачењето изминативе години станува сериозен проблем во градот на мостовите, голем број лица и тоа претежно од ромска националност организирано од други градови а во најголем процент од Источна Македонија доаѓаат да питаат. Деновиве оние кои ќе бидат затекнати од полицијата и Центарот за социјални работи ќе бидат сместени во одредени простории а потоа вратени назад во своите родни места.

Најчесто на улица, но и во центарот, рестораните и брегот на езерото, боси и изгладнети просат пари од минувачите.

Во месец март година од страна на полицијата беа спроведени повеќе акции низ струшките улици а беа поднесени 10тина прекршочни пријави. Питачите во Струга најчесто престојувале кај приватни станоиздавачи, во една соба биле сместени и по десет лица.

„Знам дека Стружани се хуманитарни граѓани и сакаат да помагаат, но со ова само одмагаме на градот и развојот на туризмот. Затоа апелирам да не им даваат пари на питачите, бидејќи тие така повеќе се активираат и прават лоша слика за градот“, смета Мерко.

Мерко најави дека општината веќе работи на справувањето со овој, како што вели, долгогодишен проблем. Питачите ќе се отстрануваат од улиците и ќе се враќаат во нивните места на живеење.

Зазедовме став, одредивме и простор каде ќе ги задржиме 24 часа. Секако, децата не смееме по закон, но родителите смееме и ќе ги депортираме од каде што дошле, за да го намалиме бројот на питачи во Струга“, вели Мерко.

Од охридската полиција потврдуваат дека проблемот со питачењето се зголемува пред и за време на туристичката сезона во Охрид и Струга. Од почетокот на годината, биле извршени десет контроли и биле затекнати десет лица кои питачеле во централното градско подрачје во Струга. Минатата година имало 28 акциски контроли и биле затекнати 30 лица кои питачеле, најголем дел од нив биле од други градови. Казната за лицата кои питачат изнесува од 15 до 50 евра.

Прекршочни пријави заработиле и станоиздавачите каде питачите престојувале непријавени, сместени и по десет лица во една соба.