Премиерот Зоран Заев по примањето на првата доза на вакцина: Важно е масовно да се учествува во овој процес за масовна имунизација за брзо да постигнеме колективен имунитет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ ја прими првата доза на вакцина за заштита од коронавирусот.

По примањето на вакцината, премиерот Заев даде изјава за медиуми која ви ја пренесуваме интегрално:

„Туку што ја извршив мојата лична, но и граѓанска должност и ја примив првата доза од вакцината на „Синофарм“, односно онаа која беше во моментот на располагање, кога ми дојде мене редот согласно националниот план за имунизација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во попладневните часови.

Со дозите вакцини што пристигнаа минатата, како и со сите договорени и потврдени количини што ќе пристигаат во претстојниот период, верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население коешто ќе биде вакцинирано и тоа сето ќе придонесе до целосно менување на сликата на епидемијата кај нас.

Ги охрабрувам сите граѓаните на нашата земја, сите кои досега не го направиле тоа, да се пријават за термин за вакцинација на веб страницата „vakcinacija.mk“ и да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.

Вакцините се безбедни, проверени, тестирани и навистина, колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател пандемијата од КОВИД-19.

Важно е масовно да се учествува во овој процес за масовна имунизација за да ја промениме целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да влеземе во постигнување на колективен имунитет.

По примерот на вакциналниот пункт во Спортската сала „Борис Трајковски“, Владата и Министерството за здравство, во соработка со општините, формираа дополнителни, регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација против КОВИД-19 во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, а многу брзо такви пунктови ќе бидат отворени и во Велес и Прилеп.

Секако, целиот овој процес треба да оди паралелно со придржување на мерките за лична заштита сѐ додека епидемиолозите не донесат други препораки.

Им честитам на министерството за здравство и на сите чинители кои се вклучени во процесот на вакцинација за одличната организација и како што можев и сам да забележам, сѐ се одвива во најдобар ред.

Само со заеднички напор ќе излеземе победници над планетарното зло наречено КОВИД-19.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *