Пристигнаа 200.000 вакцини од кинескиот производител Синофарм

Пристигнаа 200.000 вакцини од кинескиот производител Синофарм. Македонската армија се вклучува со поддршка за растоварување на камионите.

Утрово пристигнаа 200.000 дози на вакцини од производителот Синофарм обезбедени во директни преговори со производителот. Со овие вакцини ќе се овозможи масовна имунизација на македонското население, а министерот за здравство д-р Венко Филипче во изјава за медиумите ја најави престојната поопсежна имунизација започнувајќи од вторник, односно веднаш после дистрибуцијата на предвидените дози до сите пунктови кадешто истата ќе се спроведува. Вакцините ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката Јане Сандански, а ќе се дистрибуираат согласно закажаните термини за имунизација, односно врз основа на заинтересираноста која граѓаните ќе ја искажат најпрво преку веб страната vakcinacija.mk , но и преку матичните лекари. Министерот Филипче изјави дека верува дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население коешто ќе биде вакцинирано, а во текот на овој месец се очекува да добиеме и дополнителни поголеми количини на вакцини со што ќе се придонесе до уште поголем опсег при имунизацијата.

,,Рано утрово пристигнаа долгоочекуваните вакцини од производителот Синофарм од Народна Република Кина и дозволете на почетокот да изразам голема благодарност за личниот ангажман на амбасадорот н.е. Џанг Ѕуо, за луѓето од неговиот тим со коишто комуницираме секојдневно целиот овој изминат период и благодарение и на нивното инсистирање оваа пратка е сега во нашата земја. Станува збор за количина од 200.000 вакцини коишто службите ќе ги одработат соодветно во делот на проверка на ладниот ланец. Тие ќе се сместат во ладната соба којашто беше поставена благодарение на Фондацијата “Direct Relief” и од тука во текот на следните денови, најкасно во понеделник ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови. Тоа се пунктовите за масовна вакцинација ширум државата и во Скопје, во салата Борис Трајковски и во другите 6 градови – во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола и според распоредот на веќе пријавени граѓани ќе биде и распределена и бројката на вакцини. Процесот на вакцинација со кинеските вакцини ќе започне веќе во вторник. Ова е месец во којшто очекуваме и други, значајно големи количини на вакцини и искрено верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население коешто ќе биде вакцинирано и тоа сето ќе придонесе до целосно менување на сликата на епидемијата кај нас” – изјави министерот Филипче.

Амбасадорот на Народна Република Кина н.е. Џанг Ѕуо кажа дека сплотеноста на земјите при процесот на имунизација значи многу за глобалното справување со оваа пандемија, а со ова се испиша ново поглавје во пријателските односи помеѓу двете земји. Народна Република Кина во моментов се уште е во процес на масовна вакцинација, а веќе 200.000 милиони луѓе се вакцинирани и со оглед на тоа што ова е земја со население од 1,4 милијарди жители, сè уште трае процесот на имунизација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *