Донесен Шестиот пакет антикризни економски мерки кој опфаќа поддршка за 10.000 компании и 60.000 вработени

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од вчерашната 66-та седница, одговарајќи подетално и на прашања од интерес на медиумите и јавноста.

На вчерашната седница беше донесен Шестиот пакет антикризни економски мерки со вкупна предвидена вредност од 17,8 милиони евра, кој опфаќа поддршка за 10.000 компании и 60.000 вработени. Над 80 проценти (14,8 милиони евра) од средствата предвидени за мерките од Шестиот пакет се наменети исклучително за фирмите од угостителството и туризмот.

Владата на Република Северна Македонија од почетокот на здравствено-економската криза носи сеопфатни мерки во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции со цел да се сочува ликвидноста на компаниите и на работните места за граѓаните.

Шестиот пакет на мерки е во насока на поддршка на дејностите кои беа делумно затворени со одлука на Владата, а со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширењето на КОВИД- 19, затворени со цел превенирање на ширењето на коронавирусот во текот на месец април 2021, како и подобрување на ликвидноста на компаниите. Владата креираше фер систем кој ги опфаќа следните мерки за:

– Угостителски објекти за послужување на храна, пијалаци и кетеринг;

– 30 проценти покриеност на просечните месечни приходи во 2019 и 2020 (на кои ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени со одлука) плус 15.200,00 денари по вработен (заклучно со 06.04.2021);

– Вредност 9,9 милиони евра – опфатени 6.000 компании со 17.000 вработени;

 -Ресторани за свадби, ивент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија;

– 30 проценти покриеност на просечните месечни приходи во 2019, плус 15.200,00 денари по вработен (заклучно со 31.12.2020);

– Вредност 2,5 милиони евра – опфатени околу 1.200 компании;

– Финансиска поддршка за категоризираните туристички агенции – А категорија до 5.000 евра, Б категорија до 2.000 евра;

– Вредност 1,4 милиони евра;

 -Туристички водичи и музичари;

– Финансиска поддршка во вредност од 30.750,00 денари;

 – 50.000 бесплатни ПЦР тестови за странските туристи во земјава.

Портпаролите информираа дека Одлуката за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки против КОВИД-19, која претходно важеше до 20 април, продолжува до 27 април.

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучок се прави и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика  и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Вчера Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за склучување на Колективен договор за високо образование и наука и ја овласти ресорната министерка да го потпише Колективниот договор. Со него за прв пат по 30 години се уредува системот на плати, се утврдува основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование. Дополнително предвидено е зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во септември 2021 година и во септември 2022 година.

На редовната прес-конференција, портпаролите информираа и за Владината одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот „с. Долно Коњаре“, Општина Петровец, донесена на предлог на Министерството за економија.

Одлуката е донесена врз основа на извршениот инспекциски надзор на  Државниот инспекторат за животна средина со кој е утврдено дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина.

Меѓу другото, во рамки на 66-тата седница, од страна на министрите е разгледана и усвоена и Информација со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година. Планот содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, започнувајќи од измени на постоечката легислативна рамка како основа за преземање процесни дејствија (е-маил и е-достава) со учесниците во постапките, ИКТ алатки за судења на далечина или изведување само на некои докази на тој начин, преку обезбедување на судовите со соодветна ИКТ опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронските документи.

Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 судови во Северна Македонија со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во Затворот „Идризово“. Опремувањето на судниците за онлајн судење е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година.

На вчерашната седница, како што информираа портпаролите, врз основа на позитивното мислење на Националниот совет за културно наследство, на предлог на Министерството за култура, Владата донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење во поткатегорија – исклучително значење и со оваа Одлука се обезбедува трајна заштита на скопскиот Аквадукт изграден во шестиот век, а бил целосно реконструиран кон крајот на 15-от век.

Во врска со прашањата од медиумите за став на Владата во врска со предвидена изградба на згради на паркингот во близина на хотелот „Холидеј Ин“, портпаролите подвлекоа дека Владата се повикува на почитување на Законот, на условите пропишани во Законот за градење и со Урбанистичкиот план се пропишува што е планирано на локацијата и врз основа на сите информации инвеститорот приложува проект по што ако исполнува услови добива одобрение за градба. Со Законот за градење е предвидено градбата да отпочне во рок од две години и доколку не се почне во тој рок, на инвеститорот може да му се одземе одобрението или во случај ако не се одвива градбата според приложениот проект.

Во врска со информации за покажан интерес за инвеститори за приватизација на Попова Шапка, портпаролите информираа дека моментално се одвива фазата на разделување на „ЕЛЕМ Турс“ од АД „Електрани на Северна Македонија“ и се разгледуваат најповолните активности за донесување на оваа Одлука, додека Владата во комуникација со Министерството за економија и соодветните институции ја разгледуваат можноста за реализација на јавно-приватно партнерство во однос на Попова Шапка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *