Пресуда за „Трезор“: 8 години затвор за Мијалков

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања, е осуден на единствена казна во траење од осум години.

На поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот му е изречена  единствена казна затвор во траење од 15 години. На поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, судот му изрече казна затвор од пет години.

Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски,  пак, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

„Сите заедно ја искористиле службената положба и овластување. Тони Јакимовски им помогнал и прибавиле имотна корист и нанеле имотна штета на буџетот на РМ. За да набават опрема за потребите на УБК/МВР, прво, второ и третообвинетиот оствариле состанок со претставниците на ГАМА во Обединето кралство и набавиле опрема за потребите на УБК. Во текот на подготовките за набавка на опремата, одлучиле опремата да ја набават преку фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Договорено било набавката да се изврши преку ова лице, кое Жарко Луковски и Сашо Мијалков го користеле за реализација на зделки. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, усно наложиле на Ѓоко Поповски да започне со постапка за набавка на опрема од ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Тој изготвил покана, а од ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје испратиле понуда. Од страна на службите на УБК е изготвен договор од УБК/МВР за купување на опремата. Потоа, склучен е договор за купопродажба. Иако немало потреба за одржување на телекомуникациската опрема, било направен допис до МВР дека е потребно да се одржува набавената опрема и тоа да продолжи да го прави ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Доставена е покана до фирмата, а тие доставиле понуда со спецификација за временски период од две години. Помеѓу МВР и ФИНЗИ е склучен договор за извршување на услуги, за да му се плаќа авансен паушал“, рече судијката Џенета Бектовиќ.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во случајот „Трезор”, според неговата одбрана, во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК. Адвокат Љупчо Шврговски, во своите завршни зборови, му предложи на судот да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент, тврдејќи дека јавните обвинители не го докажале обвинението.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *