oliver spasoski

Спасовски: Сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе не спречат во пресметката со криминалците, бадијала се трудат. Нема ниту да застанеме ниту да не поколебате

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денес одржа прес конференција во Владата за акцијата во која беше сузбиена криминална група, чии членови – вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Спасовски:
 

Почитувани,
Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал  и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет. Поддршка за истрагата беше дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ Лион и  ИНТЕРПОЛ Скопје.

По добиени криминалистичко-разузнавачки информации и преземени дополнителни полициски оперативни мерки, во 2019 година од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал воспоставена е криминалистичка истрага за службени лица вработени во Управните служби на МВР како референти за управни работи и контролори, кои ја злоупотребувале својата службена положба и овластувања, со тоа што издавале македонски патни исправи за лица странски државјани, употребувајќи туѓ идентитет на државјани на Република Северна Македонија, кои до моментот на издавањето не поседувале биометриски лични документи. Службените лица делото го извршила на начин спротивен на одредбите од Постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РСМ, со што овозможиле на вкупно 215 лица- од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица.

По пат на меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ Лион и ИНТЕРПОЛ Скопје, беше обезбедена поддршка во насока на идентификување на вистинскиот идентитет на лицата. При тоа беше утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.

Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против десет лица (од кои девет се приведени) и тие во текот на утрешниот ден ќе бидат предадени на надлежното обвинителство.

Сакам во оваа прилика да упатам порака до сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе не спречат во пресметката со криминалците дека бадијала се трудат. Нема ниту да застанеме ниту да не поколебате. Ова го истакнувам поради фактот што при реализацијата на оваа акција се соочивме и со обид за саботажа која не успеа.
Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол.

Ова е недозволиво застанување против полицијата и против борбата за правда и одговорност на секој што го прекршил законот.

Откако овие обиди беа пресретнати, се продолжува со лажни вести, дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер беше  Наќе Чулев, а дека потоа МВР не преземала ништо. Ова е целосна невистина, директно поврзана со обидот да се саботира акцијата на полицијата. Оваа обемна акцијата е започната уште во 2019 година.

За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и јавното обвинителство. Одговорност мора да има. Уште еднаш посочувам, додека сум јас на чело на МВР нема да застанеме пред ваквите обиди за заштита на криминалот туку како досега, така и во иднина продолжуваме со бескомпромисна пресметка со криминалците. Правдата ќе ги стигне сите оние кои што направиле криминал.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *