Интересот за самопопишување на дијаспората постојано расте, институциите се на располагање за сите прашања и дилеми

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски, денеска одржаа работен состанок посветен на тековните активности поврзани со самопопишувањето на македонските државјани. Самопопишувањето на дијаспората е во тек од 1-ви март, а ќе заврши на 21-ви април.

Утрово, бројката на самопопишани изнесуваше 137.111 лица, што претставува зголемување на вкупната бројка од 7.102  за само еден ден.

На состанокот беше истакнато, дека двете институции се задоволни од досегашниот одзив и дека очекуваат оваа бројка да се зголемува постојано.

Државниот завод за статистика, како и Агенцијата за иселеништво, се во редовна комуникација со дијаспората и постојано се достапни за одговор на сите нивни прашања и дилеми.

Двајцата директори уште еднаш ја истакнаа важноста од попишувањето на македонските државјани кои подолго од една година живеат во странство. На тој начин тие имаат можност да се впишат во базата на нерезидентно население, а овие податоци на државата и се потребни за соодветно планирање и подобрување на услугите кои дипломатско-конзуларните претставништва ги нудат, како и за подобрување на политиките внатре во државата.

Директорот Симовски и директорот Близнаковски апелираа до сите чинители во општеството да се приклучат на повикот кон дијаспората да ја искористи оваа едноставна можност и да се попише во што поголем број. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *