Филипче: ке има дополнителни рестрикции доколку сегашните мерки не дадат резултати

Се соочуваме со силен бран, а модуларните болници се од голема помош, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, кој денеска беше во посета на модуларната болница во Кочани.

„Се соочуваме со навистина силен бран, секој ден има голем број на новодијагностицирани случаи и сето тоа бара една организација и прераспределба на пациентите коишто се јавуваат во болниците по регионите и секако пациентите на коишто им е потребен хоспитален третман во скопските јавно-здравствени установи. Денеска сме тука во Кочани, ова е дел од 17 те модуларни болници – проект којшто го правевме на територијата на цела држава и еве сега кога се соочуваме со ваков силен бран сме дефинитивно свесни што ова значи. Со овие болници се зајакнува капацитетот во болниците, на бројот на болнички кревети. Над 30 дополнителни кревети многу значи за болницата во Кочани заради тоа што таа услужува огромен број на пациенти во државата, тука доаѓаат пациентите од Берово, од Виница, од Пехчево, од Пробиштип, од Каменица итн. Пациентите традиционално бараат лекарска услуга и во други специјалности заради тоа што болницата е позната по својата експертиза, а сега со начинот на прераспределба на работата голем дел од капацитетите се посветени на третман на пациенти со Ковид 19“, рече Филипче.

Министерот најави дека масовната вакцинација на населението ќе започне или со вакцината на АстраЗенека или со кинеските вакцини, а ќе биде објавено кога со сигурност ќе има информации дека тргнале вакцините кон нашата земја.

Во однос на мерките, министерот рече дека на почетокот на следната недела ќе бидат видливи резултатите од воведувањето на полицискиот час од 22 до 5 часот наутро. Владата е подготвена, вели Филипче, да воведе и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати. Тој претходно вчера кажа дека следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни, ќе се одлучува в понеделник.

фото: Архива

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *