Само со македонско државјанство до пратеничка фотелја?

Опозицијата ВМПО-ДПМНЕ бара законски измени со кои пратеник не ќе може да стане кандидат којшто има двојно државјанство. Од партијата најавуваат дека пратеничката група ќе поднесе амандман во Собраниево во кој ќе стои дека кандидат за пратеник може да биде лице кое има само македонско државјанство. Ваквиот предлог е прифатлив и за владејачката СДСМ, со услов ваквото правило да стартува веднаш и да важи и за актуелниот пратенички состав. 
„Ние во текот на овие ден-два до Собранието како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме еден амандман којшто ќе се однесува на Законот за пратеници, Законот за избори и каде што ќе пишува дека кандидат за пратеник во Собранието може да биде лице коешто има само македонско државјанство и нема ниедно друго двојно државјанство“, најави опозицискиот пратеник Mилошоски.

Според Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, измените во предлог законот се во два члена и тоа во условите за избор на пратеници каде што се додава нов член во кој се вели дека за лицето да биде избрано за пратеник треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на С. Македонија. „Ваков услов има и во Законот за надворешни работи и бараме оваа одредба од членот на овој закон да се усогласи со Изборниот законик во рок од триесет дена по влегувањето во сила“, изјави Мицевски.

СДСМ прифаќа пратеник да има само македонско државјанство, но условуваат тоа да важи веднаш и за актуелниот пратенички состав. „Исто така, предлагаме пратеници да не може да бидат лица кои се осудувани за кражби во други држави, како на пример лицето Антонио Милошоски, односно лица што со своите незаконски дела го нарушуваат имиџот на земјата“, се вели во соопштението од СДСМ.

Ваквиот предлог следи откако вчера фукционери на партијата и пратеници се најдоа на списокот со бугарски документи, којшто го објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов. Тој наведе дека станува збор за „интересни имиња“ на македонски граѓани коишто имаат право да гласаат на парламентарните избори во Бугарија, врз основа на стекнато државјанство, а коишто се совпаѓаат со имиња на пратеници и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На листата која што ја објави Каракачанов се најдоа имињата на Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, коишто, се тврди дека се запишани на адреси во Ќустендил и Благоевград. Каракачанов ги повика „луѓето на списоците да гласаат со гласачкото ливче број 1 за вистинската ВМРО“. Посочените на листата ги демантираа обвинувањата и тврдат дека станува збор за „масло на Зоран Заев“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *