11 Март 2021 – СВЕТСКИ ДЕН НА БУБРЕГОТ

Светскиот ден на бубрегот World Kidney Day е најодбележуван настан во светот кој се фокусира на важноста на здравјето на бубрезите.

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток од месец март, во повеќе од 200 земји ширум светот на сите континенти.

Македонија преку активностите на Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон уште од 2007 година е приклучена кон светската кампања на меѓународните организации ISN и IFKF World Kidney Day и од тогаш во соработка со стручните медицински здруженија, институциите, пациентите и медиумите во нашата земја спроведуваме активности за подигнување на јавната свесност за хроничните бубрежни болести за нивната превенција, дијагностицирање, третманот и справувањето со болеста.

Секоја година светската кампања е насочена кон одредена тема асоцирана со хроничната бубрежна болест, а во 2021 година слоганот на кампањата е: “ Living well with kidney disease’’.

Бубрежните болести се незаразни болести кои во моментов погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден од десет возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Над 2 милиони луѓе во светот се лекуваат со дијализа или трансплантација. Во глобални рамки ХББ (Хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде 5-тата болест како причина за смртност на годишно ниво.

И во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни или околу 200 000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста (стадиум 5) кога е неопходно да се примени бубрежно-заместителна терапија се лекуваат 1600 пациенти на дијализа во 23 центри за дијализа низ државата. Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат финкциите кои се од витално значење за организмот. 1600 лица секој втор ден го продолжуваат својот живот благодарејќи на дијализата. Тие поминуваат по 4-5 часа во дијализен центар каде им се прочистува крвта од сите отрови и вишок вода од организмот благодарение на апаратот за дијализа. Дијализниот третман е тежок и исцрпувачки за пациентите. Особено што пациентот мора да се вклопи во нова животна рутина и да промени многу од своите животни активности и навики и да се научи да живее со бројни рестрикции. Термините за дијализа се фиксни, чести, траат долго и не смеат да се пропуштаат. Секој втор ден пациентот на дијализа „купува“ време од својот живот, дијализирајќи се 4 -5 часа за да живее во следните 48 часа.

Иако најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег сепак во нашата земја е недоволно применувана. Трансплантацијата на бубрег од жив донор или од кадавер е сложена медицинска процедура кога во телото на болниот се “пресадува“ орган од друг човек. Дарителот може да биде познат член од семејството или пак непознат дарител, кога со “органодарителство’’ органите од починати лица со мозочна смрт се пресадуваат во телото на други лица за да се спаси нивниот живот. Кога органодарителството би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле достоинствено и поквалитетно да живеат со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рахабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е “врзан за апарат’’ и може да патува…

Квалитетот на живеење кај пациентите со хронична бубрежна болест варира и во зависност од нивниот

карактер, опкружувањето, семејната атмофера, третманот кој го добива како и од другите придружни болести. Прифаќањето на новиот начин на живот со сите ограничувања кои ги носи е тешко и секој различно го доживува. На пациентите со бубрежни болести им се потребни повеќе видови на поддршка како од медицинскиот персонал, така и од семејството и општеството воопшто за да можат да го надминат прифаќањето на болеста и да продолжат да живеат со неа.

Превенција

Хроничната бубрежна болест (ХББ) е опасна и тивка болест која најчесто доцна се дијагностицира Бубрежните болести можат да се превенираат и лечат доколку наврмено се откријат. Со навремено дијагностицирање и соодветно лекување ќе се одложи или избегне доаѓањето на крајниот петти стадиум на болеста. Затоа апелираме секој човек најмалку еднаш годишно да ја проверува функцијата на бубрезите. Тоа се врши преку едноставни тестови на крвта и урината (мерење на вредностите на уреа и креатинин). Оваа проверка може да ја направи матичниот лекар преку анализи во секоја лабараторија. Вредноста на креатининот и во светски рамки досега се покажал како најдобар маркер за мерење на бубрежната функција.

Повеќето луѓе немаат симптоми се додека хроничната бубрежна болест не напредне. Човекот може да изгуби до 90% од функцијата на бубрезите без да почувствува никакви знаци или болки. Токму затоа таа е позната како „тивок убиец на организмот“. Високиот крвен притисок и дијабетесот се најчестите причинители за појава на бубрежна болест кај возрасните.

Со одговор на неколку едноставни прашања може да дознаете дали сте во ризик да развиете хронична бубрежна болест:

– Дали имате висок крвен притисок?

– Дали имате дијабет?

– Дали во Вашата фамилија има/ло бубрежни болни?

– Дали имате прекумерна телесна тежина/обезност ?

– Дали сте пушач?

– Дали сте на возраст над 50 години?

– Дали потекнувате од подрачје во кое познавате повеќе од 5 лица кои одат на дијализа ?

*** Доколку одговорите со ДА на повеќе од едно прашање од наведените, задолжително советувајте се со вашиот матичен лекар за редовна контрола на Вашите бубрези!

На превенцијата на бубрежната болест може да се придонесе со применување на здрави начини на живот и исхрана, кои може да се практикуваат од најрана возраст.

Постојат 8 златни правила кои го намалуваат ризикот од ХББ – хронична бубрежна болест а тоа се:

1 . Бидете активни и вежбајте

2 . Редовно контролирајте го шеќерот во крвта

3. Мерете и регулирајте го крвниот притисок

4. Хранете се здраво и контролирајте ја вашата телесна тежина

5. Пијте доволно течности, особено вода

6. Не пушете

7. Не земајте лекови на своја рака, многу лекови може неповратно да ги оштетат бубрезите

8. Редовно, најмалку еднаш годишно проверувајте ја функцијата на вашите бубрези.

Симптоми кои може да укажат на појава на болеста се отечени глуждови, замор, тешкотии во

концентрацијата, намален апетит, крв во урината или пенеста урина. Навремена дијагноза на болеста ќе придонесе за успешно справување со неа и ќе го одложи или запре нејзиниот напредок. Затоа, редовно помислувајте на своите бубрези и грижете се за нив додека се здрави, бидејќи тие се едни од виталните органи без кои не може да се живее нормално.

Се останато е само “прилагодување“ на болеста која во голема мера ќе ви го одредува животот.

Скопје,11-03-2021год.

Здружение на бубрежно болни граѓани

НЕФРОН – Скопје

М-р Душко Ѓорѓиев, претседател

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *