images (3)

Утре ВМРО ДПМНЕ ќе го избере својот фаворит на конвецијата во Струга.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае утре…

Првиот кандидат за претседател на државата на престојните избори ќе се знае утре, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере својот фаворит на конвенција во Струга.

Конвенцијата, под слоганот „За честита Македонија“, ќе почне напаладне во Домот на културата во Струга, каде што 551 делегат ќе може да избираат меѓу девет можни кандидати што се јавија на огласот што го распиша партијата. Во очекување на  одлуката, најмногу шанси ѝ се даваат на универзитетската професорка Гордана Силјановска, која влезе во трката како непартиска личност, наспроти  Владимир Ѓорчев, кој како долгогодишен пратеник и партиски функционер ужива доверба меѓу членството.

Секој од деветтемина кандидати  кандидат ќе има право на 15-минутна презентација, а на крај е предвидено обраќање на партискиот лидер Христијан Мицковски, по што ќе следува гласањето. Изборот може да заврши во првиот круг доколку еден од кандидатите добие најмалку 184 гласа, односно, една третина од вкупниот број. Во спротивно, се организира втор круг со првите двајца, во кој победува оној со најголем број гласови.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која реши  порано од последните законски рокови за доставување на кандидатурите во ДИК  да го промовира својот адут во претседателската трка, конгресот на СДСМ е закажан за 3 март, така што во владејачката партија течат сѐ уште внатрешните процедури за евидентирање и самокандидирање на можните кандидати.

Првиот круг од шестите претседателски избори ќе се одржи на 21 април, а вториот одлучувачки круг на 5 мај, додека вториот мандат на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов истекува на 12 мај.

 

Листа на кандидати за избор на кандидат  на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори
  • Никита Шекутковски, доктор на математички науки и редовен професор на ПМФ
  • Ѓорѓи Манасков, машински инженер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија
  • Васко Костов, фармацевтски техничар
  • Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието и член на ИК на  ВМРО-ДПМНЕ.
  • Гордана Силјановска Давкова, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, катедра за уставно право и политички систем.
  • Илија Димовски, професор во пензија на Шумарски факултет при УКИМ во Скопје.
  • Филип Петровски, д-р на политички науки и поранешен директор на Државниот архив
  • Горан Ангелов, правник, поранешен претседател на ЗЕЛС и  градоначалник на Виница
  • Сашо Кутлешовски, д-р по земјоделски науки.