subvencii_ovci-620x360

Продолжува извозот на македонското јагне со намален интензитет

Со намален интензитет по успешниот велигденскиот извоз, продолжува извозот на јагнешко месо на странските пазари. Од почетокот на годинава заклучно со денес, на пазарите во Италија, Грција, Хрватска, Србија и Црна Гора пласирани се 211.316 јагниња, односно над 2,1 милиони килограми јагнешко месо. Врз основа на реализираниот извоз само во првите 4 месеци од годинава, ако се земе во предвид вкупно реализираниот извоз на јагнешко месо минатата година кој надмина 2,7 милиони килограми, односно 272.684 јагниња кои завршија на италијанскиот, грчкиот,српскиот и на хрватскиот пазар, реални се очекувањата дека до крајот на годинава може да се надмине лани реализираниот извоз.

Најголемиот дел од извезените количини од почетокот на годинава досега, поточно повеќе од 1,2 милиони килограми јагнешко или 137.433 јагниња, пласирани се на традиционално најголемиот пазар за македонско млечно јагне – италијанскиот. 

Кај јужниот сосед – Грција, заклучно со 15 овој месец, извезени се повеќе од 488 илјади килограми јагнешко, односно 40.819 јагниња. На хрватскиот пазар кој исто така важи за традиционален за пласман на македонско јагне, во истиот период извезени биле над 270 илјади килограми јагнешко месо, или приближно 25.699 јагниња. 

Помали количини, односно околу 53,3 илјади килограми јагнешко месо, македонските извозници пласирале на пазарот во соседна Србија, а на црногорскиот пазар заклучно со денешниот ден, од почетокот на годинава извезени биле скоро 42 илјади килограми јагнешко месо, односно 3372 јагниња. 

Извозот на јагнешко од Република Македонија непречено се реализира во текот на целата година, со зголемен интензитет пред божиќните и велигденските празници, кога традиционално од нашата земја на странските пазари се извезуваат најголемиот дел од произведените количини јагнешко месо.